Tuesday, November 18, 2014

Како би изгледал животот на Марс?

На Земјата постојат луѓе кои се подготвени да платат милијарди долари за да ги однесат луѓето на Марс. Таква е на пример Space X на милијардерот Елон Маск кој веќе извесен период размислува за оваа идеја, а неколку организации веќе јавно ги објавија своите намери, како Mars One Која планира до 2022 година да одведе луѓе на „Црвената планета“.
Mars One планира да испрати одредена група луѓе, откако ќе поминат 7-годишна ригорозна подготовка, на Марс и од тоа да направи телевизиско шоу. Нивната мисија ќе биде во една насока, односно тие таму ќе стартуваат колонија и ќе останат да живеат. Сепак, во моментот не постои технологија што би ги одвела до таа планета.
Зад оваа идеја не стојат обични сонувачи, туку познати космолози и инженери, како и Баз Олдрин кој е голем поборник за идејата за колонизација на Марс во блиска иднина.

Две тактики за населување

Во моментот постојат две главни опции за колонизирање на Марс. Првата бара создавање на вештачка средина која би ги штитела луѓето од негостољубивата планета, а ако во блиска иднина стартува колонизирањето, тогаш тоа ни е најдобрата опција.
Втората опција е тераформирање и за неа е потребно многу повеќе време. Тоа опфаќа промена на површината и атмосферата, на начин за да потсетува на Земјата. Марс ги има сите елементи потребни за живот - вода, фосфор и јаглерод, а претпоставките се дека некогаш оваа планета имала влажна клима.

Како ќе изгледа животот на Марс

Нашите тела се еволуирани за живот на Земјата. Вселенските патувања уште сега покажуваат дека недостатокот на гравитација и недоволниот простор можат да доведат до депресија, умор, атрофирање на мускулите, па и до промена на физиологијата на очите.
Едноставно кажано, ние не сме адаптирани да бидеме вселенски истражувачи. Животот на Марс ќе мора да ги следи правилата поставени на нашата планета, што значи многу вежбање, соодветна исхрана и воспоставување гравитација како таа на Земјата. Колку за споредба гравитацијата на Марс е само 38 проценти од таа на која сме навикнати.
Сигурно постојат и многу покомплексни работи за кои се уште не сме свесни, како важноста на бактериите во секојдневниот живот, кои можеби не постојат во стерилната средина на Марс.
Атмосферата на Марс е многу „тенка“ односно само 1 процент од Земјината. Тоа значи дека површината на Марс не е заштитена од вселенската радијација. Иако тераформирање може да го смени тоа, на долг рок, краткорочно гледано, просторот за живот и оделата за истражување ќе мора да можат да ја издржат таа радијација.
Првите колонисти би морале да живеат во мали заедници и во оскудни услови, а дел од опремата ќе мора да биде донесена до таму, додека друг дел ќе мора да се склопи на планетата.
Добра работа е што површината на Марс содржи многу кристали на вода, што отвора можност за одгледување на билки.

Опасноста од истребување на колонијата

Една голема опасност, е што евентуалната грешка или системски проблем, може да значи комплетно истребување на колонијата. Покрај опасноста од самиот пат и влез во атмосферата на Марс, самата планета е прилично негостољубива кон луѓето.
На Марс беснеат песочни бури кои кога би биле на нашата планета би можеле да откорнат дрво од земјата. Овие бури се чести, но до сега не му направија никаква штета на роверот.
Марс исто така е многу ладен, а просечната температура изнесува -55 степени Целзиусови, додека на половите може да падне до -153 степени.
Марс дефинитивно е следна граница за човечката раса, а иако постои дилема дали таму ќе живеат луѓе за неколку години, веќе има огромен број на заинтересирани колонизатори и компании кои сакаат да го направат тој чекор.

No comments:

Post a Comment